Чудесниот Домен Превц вторпат во два дена ја „прелета“ Јапонија!

Словенечкиот скијач-скокач Домен Превц уште еднаш ја потврди фантастичната форма, откако триумфираше и на вториот натпревар од Светски куп во скијачки скокови во само два дена, кој се одржа во Сапоро (Јапонија).

За 26-годишниот Словенец ова беше деветта победа сезонава и вкупно 18-та во кариерата, со вкупно 277,7 поени. Тој славеше пред домашниот миленик Рјоју Кобајаши (274,2), додека третото место му припадна на Австриецот Даниел Чофениг со 265,8 поени. Превц до победата дојде со скокови од 137,5 и 136,5 метри, откако веќе по првата серија беше во водство, а претходно беше и најубедлив во квалификациите. Кобајаши и покрај одличните скокови од 136,5 и 138,5 метри, на крајот заостана 3,5 поени зад словенечкиот ас.

Превц со овој нов триумф дополнително го зацврсти водството во генералниот пласман на Светскиот куп, каде има 1.414 бодови. Кобајаши е втор, но со дури 467 бодови помалку, што јасно ја отсликува доминацијата на Словенецот во досегашниот дел од сезоната.