Носител експресно вратен дома, Зверев лошо почна, ама се „спаси“ на стартот на АО!

Првото поголемо изненадување на Австралијан опен дојде уште на самиот старт, откако 22. носителот Флавио Коболи експресно беше елиминиран и практично не мораше ни да го „распакува куферот“ во Мелбурн.

Италијанецот беше поразен од Британецот Артур Фери (6-7, 4-6, 1-6), за кого ова е голем момент во кариерата, бидејќи досега никогаш нема минато подалеку од второто коло на гренслем-турнир, повторувајќи го подвигот од ланскиот Вимблдон кога го елиминираше Алексеј Попирин (20. носител). Британецот одигра исклучително агресивно, со дури 20 винери, но на исходот влијаеше и здравствената состојба на Коболи. Италијанецот доби лекарска помош уште по третиот гем во првиот сет, зеде терапија поради болест и од тој момент очигледно не беше во можност да игра на своето препознатливо ниво. Фери, пак, ја продолжи импресивната серија – од почетокот на квалификациите нема загубено ниту еден сет и моментално има скор 9-0 на Австралијан опен.

Минатогодишниот финалист, пак, Александар Зверев имаше тежок старт на „Род Лејвер арената“, но на крајот рутински се пласираше понатаму. Германецот загуби прв сет од Габриел Дијало со 6-7, но потоа ја презеде контролата и ги доби следните три сета со 6-1, 6-4, 6-2, покажувајќи зошто е меѓу главните фаворити за пласман до самиот крај на собирот во Мелбурн.

ФОТО: EPA PHOTO