Крај на мачењето: Јунајтед го отпушти Аморим по нападот врз раководството!

Португалецот Рубен Аморим повеќе не е менаџер на Манчестер Јунајтед, откако денеска е отпуштен веднаш по бурната изјава во која отворено го критикуваше раководството по ремито против Лидс (1-1).

Тој заминува од „Олд Трафорд“ по 14 месеци обележани со слаби резултати и тензии надвор од теренот. Во 63 натпревари на клупата на Јунајтед, тој забележа само 24 победи (38,7-отсто успешност), што е најлош учинок на еден тренер на клубот по ерата на Френк О’Фарел, отпуштен во 1971 година. Според информациите, поранешниот играч на клубот Дарен Флечер ќе ја преземе екипата како привремено решение.

Пресвртниот момент беше неговиот настап на прес-конференцијата, кога Аморим јавно се пожали на титулата „главен тренер“, инсистирајќи да биде ословуван како „менаџер“. Дополнително, упати и индиректна критика кон спортскиот директор Џејсон Вилкокс, поради неуспешниот трансфер на крилниот напаѓач Антоан Семено од Борнмут. Португалецот јавно побара поголема контрола врз трансферите, што очигледно доведе до конечна одлука на клупските челници.

Поранешниот тренер на Спортинг лани го загуби финалето во Лига Европа од Тотнем, а во Премиер лигата заврши дури на 15. позиција. И покрај благо подобрените резултати сезонава, дефанзивните проблеми останаа нерешени. Во неговиот мандат, Јунајтед само еднаш врза победи во низа – три последователни триумфи во октомври. Аморим беше често критикуван и поради тврдоглавото инсистирање на формацијата 3-4-3, признавајќи неодамна дека таа не може да функционира без значајни финансиски вложувања.

Контроверзите го следеа и надвор од теренот. Во август, по елиминацијата од Гримзби во Лига купот, тој изјави дека понекогаш „ги мрази“ своите играчи и дека имал моменти кога сакал да се повлече — изјави кои дополнително го нарушија неговиот кредибилитет во јавноста и внатре во клубот.