Јокиќ до уште еден монструзен трипл-дабл, ама теренот го напушти - разочаран (ВИДЕО)

Кошаркарите на Орландо Меџик направија големо изненадување и ноќеска го совладаа Денвер Нагетс (127-126), со што ја прекинаа победничката серија на гостите.

Домашниот тим надомести двоцифрена негатива и со подобра игра во финишот стигна до триумф, додека шутот на Џамал Мареј за победа во последната секунда не заврши во кошот. И покрај поразот, уште една извонредна партија одигра Никола Јокиќ, кој беше најефикасен кај Денвер со 34 поени, 21 скок и 12 асистенции. За српскиот центар ова беше 180. трипл-дабл во кариерата, а осми пат оствари учинок од најмалку 30 поени, 20 скока и 10 асистенции – бројки кои, за жал, не беа доволни за победа.

Мајами хит, пак, на домашен терен убедливо ја совлада Индијана Пејсерс (142-116), откако целосно го реши дуелот во последната четвртина. Тимот на Ерик Сполстра постигна 83 поени во второто полувреме, а клупата на Мајами додаде дури 60 поени. Солидна улога имаше и Никола Јовиќ со 19 поени, шест скока и шест асистенции за 25 минути на паркетот.

Бруклин Нетс беше подобар од Минесота Тимбервулвс (123-107), а натпреварот го одбележа камбекот на Кем Томас, кој по подолга пауза уфрли 30 поени за помалку од 20 минути игра. Значаен придонес даде и Мајкл Портер Џуниор со 27 поени и 10 скока.

Милвоки Бакс го совлада Чикаго Булс (112-103) со што му ја прекина серијата од пет последователни победи. На теренот се врати Јанис Адетокумбо, кој по пауза од осум натпревари постигна 29 поени и осум скока за 25 минути, во рамки на претходно најавеното ограничување на минутажата.

Кошаркарите на Феникс Санс го победија Њу Орлеанс Пеликанс (120-114) во меч што накратко беше прекинат поради инцидент на паркетот по дуелот меѓу Марк Вилијамс и Хозе Алварадо. „Сонцата“ до победата стигнаа со тимска игра, седуммина двоцифрени стрелци и одличен шут за три поени (46-отсто), а најефикасен беше Девин Букер со 20 поени.

РЕЗУЛТАТИ: Сакраменто – Далас 113-107, Њу Орлеанс – Феникс 114-123, Орландо – Денвер 127-126, Атланта – Њујорк 125-128, Чикаго – Милвоки 103-112, Хјустон – Кливленд 117-100, Мајами – Индијана 142-116, Минесота – Бруклин 107-123, Сан Антонио – Јута 114-127.