МЗТ го чека најтешкото гостување – со победа ќе биде ептен блиску до плејофот!
Дуелот доаѓа по подолга пауза за „сино-белите“, кои последен пат настапија на 20 ноември, кога пред својата публика ја совладаа Јахорина. Сега ги очекува гостување кај еден од најстабилните и најискусните тимови во лигата, кој традиционално е многу силен на домашен терен и оваа сезона веќе ги доби двата натпревари пред своите навивачи. Средбата има и симболична тежина, бидејќи станува збор за реприза на финалето од АБА 2 лигата во 2022 година, одиграно во Скопје, кога Златибор стигна до трофејот, а МЗТ до пласман во елитната конкуренција. И покрај тоа што статистиката не оди во прилог на македонскиот претставник, кој има само една победа во четири меѓусебни дуели, факт е дека разликите биле минимални, со три порази од по четири или пет поени.
Поради израмнетата конкуренција и поразот од Сутјеска во второто коло, на екипата од Аеродром ѝ е потребен позитивен резултат за речиси да го осигура пласманот во плејофот. Во прилог на МЗТ оди и формата – девет победи во низа во сите натпреварувања, меѓу кои и убедливиот триумф над Работнички во домашниот шампионат, остварен со минимален напор.
Тренерот Васко Атанасов нема да може да смета на новото засилување Душан Танасковиќ, кој сè уште нема право на настап. Во вечерашниот натпревар двете екипи влегуваат со идентичен скор од три победи и еден пораз, а победникот ќе се израмни со Широки и Хелиос, кои по пет кола имаат биланс 4-1.