Ливерпул доживеа дебакл од Кристал Палас каков немал 91 година

Кризата во која се наоѓа Ливерпул добива историски размери бидејќи и најголемите навивачи на клубот не се сеќаваат кога последен пат „црвените“ загубиле шест од седум натпревари.

Можеби синоќешниот пораз од Кристал Палас е најбезболен бидејќи Арне Слот излезе со „втора“ постава, но сепак е доволен да ги изнервира фановите на Ливерпул. Тие се категорични дека без разлика кој игра, тимот од Енфилд не смее на домашен терен да си дозволи пораз со три разлика бидејќи тоа е удар по реномето на клубот.

Синоќешниот дебакл од Кристал Палас беше историски и од друг аспект. На Ливерпул уште од 1934 година не му се случило на домашен терен да загуби натпревар од англиските купови со најмалку три примени, а без постигнат гол. Да биде уште полошо, ова е трет пораз по ред на Ливерпул од Кристал Палас откако од овој тим загуби во Суперкупот во август и потоа минатиот месец во Премиер лигата.

Токму со поразот во август и почна кризата на Ливерпул кој оттогаш одигра седум меча во сите натпреварувања и загуби шест од нив.