Алонсо сака уште во своето прво „Ел Класико“ да ѝ одржи лекција на Барселона!

Денеска на „Сантијаго Бернабеу“ со почеток од 16.15 часот ќе се одигра првото „Ел Класико“ од новата сезона на Ла Лига — дерби кое може да ја дефинира борбата за врвот на табелата, со оглед што Реал Мадрид има шанса со триумф да се одлепи на првото место, додека Барселона се надева на пресврт и враќање на лидерската позиција.

Точно 12 месеци поминаа од историската победа на Каталонците во Мадрид, кога тимот на Ханси Флик го понижи Реал со убедливи 4-0. Сценарио какво што ретко се гледа на „Бернабеу“, но кое сега изгледа тешко повторливо, иако Барса добро знае како се победува во шпанската престолнина. И двата гиганти ја отворија сезоната сигурно, иако не делуваат во полн ритам. Реал освои 24 од можните 27 бодови, додека актуелниот шампион има два помалку — поради поразот од Севиља и ремито со Рајо Ваљекано. Тренерот на „кралскиот клуб“, Чаби Алонсо нагласува дека минатогодишниот резултат нема тежина.

„Не ме интересира што беше тогаш. Од секој меч можеме да научиме нешто. Ел Класико секогаш е посебен, но ова е прв Реалов откако влеговме во нов проект. Мора да покажеме дека сме на вистинскиот пат“, рече Алонсо.

Барселона во Мадрид ќе настапи ослабена — без Дани Олмо, Гави, Роберт Левандовски и Рафиња, кој повторно се повреди во петокот. Дополнителен проблем е суспензијата на Ханси Флик, кој доби црвен картон минатиот викенд против Џирона, па на клупата ќе биде неговиот асистент, Маркус Цорг.

„Почестен сум што ќе го водам клубот во ваков меч. Би сакал Флик да биде покрај нас, но ќе се обидеме да му ја вратиме довербата со добра партија“, изјави тој.

Цорг предупреди дека Реал под Алонсо е „поагресивен и непредвидлив“ од времето на Карло Анчелоти.

„Проблем е што Реал сега притиска високо и не дозволува противникот да развие игра. Мораме да останеме смирени и да не дозволиме емоциите да нè совладаат,“ додаде асистентот на Флик.

Каталонците се во серија од четири победи над Реал во три различни натпреварувања, постигнувајќи 16 голови во тие дуели. Во последните две средби во Ла Лига, Барса даде по четири гола, а минатата сезона во Суперкупот дури пет.

ФОТО: EPA PHOTO