Играчите на Реал му подготвуваат пекол на Јамал

Утре во Мадрид се игра првото Ел Класико во сезоната, Реал ја пречекува Барселона во надеж дека ќе стави крај на серијата од четирите порази, но во центарот на вниманието е младата ѕвезда на каталонскиот тим Ламин Јамал.

Тој ја зовре атмосферата со изјавата дека Реал краде и потоа се жали, зборови кои тешко им паднале на фудбалерите на мадридскиот клуб. Поради тоа, како што тврдат шпанските медиуми, тие му подготвуваат пекол на Јамал на утрешниот натпревар.

Според информациите, секој гол што евентуално ќе го постигнат домашните фудбалери, ќе го слават пред крилниот играч на Барселона, исто како и победата, ако стигнат до неа. Интересно е ваквото можно сценарио ако се знае дека Јамал има само 18 години.

Шансите на Реал да слави на овој меч се многу големи бидејќи Барселона ќе влезе десеткувана во Ел Класико. Јасно е дека нема да играт ударните играчи во нападот Левандовски и Рафиња, на голот нема да биде Жоан Гарсија, а ќе недостасуваат уште Олмо, Гави и Кристенсен. Капак на се е тоа што екипата нема да ја води Ханси Флик кој е суспендиран поради црвениот картон на мечот со Жирона во минатото коло.