Цаке: За Шкендија ова е историски натпревар, одиме по три бода

Утре во 18:45 часот во рамките од 2. коло Шкендија ќе го игра првиот натпревар на домашен терен од Конференциската лига и тоа против Шелбурн од Ирска.

На денешната прес-конференција заедно со тренерот Јетон Беќири присуствуваше фудбалерот, Клинсман Цаке.

Репрезентативецот на Албанија смета дека Шкендија има квалитет да извлече подобар резултат.

„За Шкендија ова е историски момент кој со нетрпение го чекаме. Очекувам голема поддршка од трибините и ние покажавме дека сезонава во Европа може да играме добро, па утре одиме по три бода“, изјави Цаке.

Неодамна тој во квалификациите за Светското првенство дебитираше во дресот на Албанија и како што вели за него тоа е мотив плус.

„За мене мотив плус е што добив повик за репрезентацијата, а тоа го заслужив со настапите за Шкендија, верувам дека така и ќе продолжам“, изјави Цаке.

Ќе потсетиме, Шкендија во првото коло доживеа пораз од Рајо Ваљекано со 2-0.