
Станковиќ добил отказ во Спартак - подготвен е за нов селектор на Србија
Руските медиуми тврдат дека тој повеќе не е тренер на Спартак Москва иако од клубот се уште нема официјална потврда за тоа. По нешто повеќе од една година, тој е отпуштен, најмногу поради неговото однесување надвор од теренот, конфликтите и постојаните суспензии. Сепак, заминувањето од Русија би можел да му отвори нов ангажман бидејќи беше еден од кандидатите за нов селектор на Србија.
Во Србија не е омилен како тренер, најголемите успеси ги имаше на клупата на Црвена Звезда, но тоа и не е некој потфат ако се знае каква е политичката ситуација во земјата и фактот што поранешниот европски шампион е миленик на власта повеќе од една деценија. Како противкандидат на Станковиќ се спомнува актуелниот тренер на Звезда, Владан Милојевиќ кој исто така нема некаква кариера надвор оз Звезда. Извршниот одбор на Фудбалскиот сојуз на Србија веројатно би можел да назначи нов тренер до крајот на неделата. Дали тоа ќе биде Станковиќ или Милојевиќ, ќе знаеме многу наскоро.
Станковиќ е легенда како фудбалер, 103 пати го носеше дресот на Србија и зад себе има блескава кариера во Црвена Ѕвезда, Лацио и Интер. Почна како тренер во Црвена Ѕвезда. Ги водеше црвено-белите од 2019 до 2022 година и секако, доминираше во Србија. Потоа ги водеше Сампдорија, Ференцварош и на крај Спартак, а со унгарскиот клуб стана шампион.