Кадетите ремизираа со Србија и го освоија третото место на „Трофеј Карпати“

Македонската кадетска репрезентација со биланс од една победа, еден пораз и едно реми го заврши настапот на турнирот „Трофеј Карпати“ кој викендов го организираше Ракометната федерација на Романија.

По поразот од Полска на стартот и вчерашниот убедлив триумф против Романија, нашите млади ракометари денеска ремизираа (28-28) со Србија и во конечниот пласман го освоија третото место. Нашите ракометари беа многу подобри во првото полувреме, постојано беа во водство, а на голем одмор заминаа со големи +4 (14-10).

По шест минути игра во вториот дел беше и 19-13 за Македонија, но потоа дојде до голем пад во играта, а српските ракометари го искористија тоа. Со серија од 4-0 се доближија на само два гола негатива, а потоа до крајот, разликата се движеше меѓу еден и два гола. На влезот во последните пет минути, Македонија водеше со 27-25, за противниот да постигне три гола по ред и да дојде во позиција да победи.

Вистинска драма се случуваше во последната минута. Македонија израмни на 28-28 на 40 секунди пред крајот, потоа двете селекции имаа по еден зицер, но не го искористија и мораа да се задоволат со нерешен резултат.