Синер пред мечот за 6 милиони долари: Не сум тука поради парите - играм од љубов!

Јаник Синер и Карлос Алкарас вечерва ќе се сретнат во финалето на егзибицискиот турнир „Шест кралеви“ во Саудиска Арабија, во меч кој носи неверојатна награда од 6 милиони долари за победникот.

Двајцата најдобри тенисери на светот повторно ќе го оживеат новото големо ривалство во машкиот тенис, иако овојпат нема да се борат за АТП поени или титула од гренслем, туку за престиж и спектакл.

„Не сум тука за парите. Знам дека сите зборуваат за огромниот награден фонд, но мојата мотивација е што се натпреварувам од љубов и со најдобрите. Сакам да ја одбранам титулата од минатата година и секој меч со Карлос е предизвик што не сакам да го пропуштам,“ изјави Синер пред финалето.

Иако Италијанецот тврди дека финансискиот аспект не му е приоритет, 6 милиони долари за само една вечер се мотив што тешко може да се игнорира. Финалето ќе започне по натпреварот за третото место помеѓу Новак Ѓоковиќ и Тејлор Фриц, од кое побендикот ќе добие околу 3,5 милиони долари. Со оваа награда, финалето на „Шест кралеви“ е најскапиот меч во историјата на тенисот.

На патот до финалето, Алкарас одигра само еден меч, победувајќи го Фриц во полуфиналето, додека Синер славеше над Стефанос Циципас и Новак Ѓоковиќ. Минатата година Синер ја освои титулата токму по победата над Алкарас во финалето, додека Ѓоковиќ го освои третото место по триумфот над Рафаел Надал.

ФОТО: EPA PHOTO