Барса пак одеше по жица, но си замина со трите бода од Овиедо (ВИДЕО)

Екипата на Барселона ја продолжи потерата по Реал откако вечерва славеше на гостувањето кај Овиедо со 3-1.

До триумфот дојде потешко од очекувањата и слично како во второто коло на гости кај Леванте. Како и тогаш, вечерва имаше негатива по првото полувреме (0-1), но во вториот дел постигна три гола и освои мошне значајни три бода со кои остана на чекор од својот најголем ривал.

Овиедо поведе во 33. минута преку Реина, но најголема „заслуга“ за голот има голманот на Барса, Жоан Гарсија кој непотребно излезе далеку од својот шеснаесетник и буквално го почести противничкиот фудбалер кој погоди од околу 40 метри. На почетокот од второто полувреме во игра влесзе Френки де Јонг и работите тргнаа добро за Барселона.

 

 

Во 56. минута израмни Ерик Гарсија кој ја искористи одбиената топка по ударот на Феран Торес. Десетина минути подоцна влезе и Левандовски и тој ја донесе Барса во водство на асистенција на Де Јонг. Победата на каталонскиот тим ја запечати Роналд Араухо во 88. минута.

Standings provided by Sofascore

Освен што остана блиску до Реал, за Барса овој триумф е од големо значење и затоа што безболно го помина периодот без Ламин Јамал кој се повреди и ги пропушти последните четири меча. „Каталонците“ славеа на секој од нив, вклучувајќи го и оној од Лигата на шампионите, кај Њукасл.