Миовски не го изгаси „пожарот“, Ренџерс стартуваше со пораз на домашен терен (ВИДЕО)

Шкотскиот гигант Ренџерс продолжи со очајните резултати оваа сезона откако вечерва доживеа пораз со 0-1 на домашен терен од Генк во првото коло од новата сезона во Лигата Европа.

Тимот од Глазгов покажа желба, имаше свои шанси во првото полувреме, но се потврдува дека нема квалитет за високи дострели оваа сезона. Менаџерот Мартин одлучи во стартната постава да не го вклучи македонскиот репрезентативец Бојан Миовски и таа одлука скапо го чинеше на крајот.

Еден од клучните моменти на мечот се случи во 41. минута кога Диоманде доби црвен картон и ги остави Ренџерс со фудбалер помалку до крајот. Во судиското продолжение од првото полувреме Ох промаши пенал и пропушти можност уште тогаш да го донесе Генк во водство, но тоа го поправи во 55. минута кога го постигна победничкиот гол за белгискиот тим.

Бојан Миовски влезе во игра во 80. минута, но немаше можност да ги истакне своите голгетерски квалитети.

Најубедливата победа на вечерашните натпревари ја оствари Панатинаикос кој на гостувањето кај Јанг Бојс славеше со 4-1.