Тежок кикс на Жоан Гарсија, Барса прими гол од 40 метри (ВИДЕО)

По половина час игра, Барселона има негатива од еден гол на гостувањето кај Овиедо, „благодарение“ на неверојатниот кикс на голманот Жоан Гарсија.

Непредизвикан од никого, голманот кој беше претставен како големо засилување за Барса, го напушти својот гол и излезе далеку во поле, во обид да расчисти една ситуација и покрај тоа што речиси цела одбрана беше покрај него. Потоа се обиде да проигра свој соиграч, но не го погоди, топката дојде до Реина, а тој од околу 40 метри ја погоди мрежата на каталонскиот тим.

Тоа беше и прв директен удар на Овиедо кон голот на Барселона која во првото полувреме имаше 75% посед на топка.