Капело го испофали Влаховиќ: Донесе брзина која недостасуваше

Славниот италијански стручњак Фабио Капело беше полн со комплименти за играта на Душан Влаховиќ на синоќешниот меч против Борусија Дортмунд.

Торинскиот тим се наоѓаше пред дебакл на домашен терен, губеше со 2-4 во последните моменти од основниот дел, но на крајот освои бод, на огромно задоволство на домашната публика. Влаховиќ постигна два гола и асистираше за последниот со што ги воодушеви и навивачите на Јувентус и Капело.

„Во второто полувреме екипата беше пожива и му создаваше проблеми на противникот, посебно по влегувањето на Влаховиќ. Тој донесе брзина која недостасуваше, беше клуч за пресвртот. Треба да му се каже браво на Тудор кој правовремено реагираше и браво за Влаховиќ“, рече Капело.

Интересно е тоа што сите четири гола Јувентус ги даде по влегувањето на Влаховиќ кој не партиципираше директно при првиот од нив. Влезе во игра во 58. минута, а гол-серијата на Јуве за 4-4 почна во 63.