Почина судијата кој ја делеше правдата во двете „златни“ финалиња на Вардар во ЛШ

Светската ракометна федерација (ИХФ) објави дека починал германскиот судија Маркус Хелбиг, кој ја делеше правдата во двете финалиња на Вардар во Лигата на шампиони (ЛШ), во 2017 и 2019 година.

Хелбиг почина на 53-годишна возраст, откако долго време се бореше со тешка болест, но за жал ја загуби најважната битка, а од него се збогува и македонскиот ракометен судија Ѓорги Начевски.

„Почивај во мир Маркус. Ти благодарам за сите добри спомени и 20 години пријателство. Ќе ни недостигаш многу“, објави Начевски на социјалните мрежи.

Хелбиг почна да работи како судија во далечната 1988 година, при што имаше завидна кариера во Германија, но и на меѓународна сцена каде што ја делеше правдата на голем број натпревари.

Фото: IHF