Пешевски: Игравме како семејство, публиката нѐ водеше 60 минути!

Ракометарите на Пелистер вечерва ја запишаа втората победа во Лигата на шампионите откако во Битола го совладаа унгарски ПИК Сегед со 25-24, а еден од најдобрите на теренот беше пикерот Жарко Пешевски.

Пешевски кој натпреварот го заврши со седум гола истакна дека клучна за победата била тимската игра и атмосферата која ја имале во тимот во претходните денови.

„Едноставно овие неколку дена живевме како едно семејство, знаевме дека имаме атмосфера која мораме да ја искористиме, овие 4.000 грла нѐ водеа 60 минути, Максимално ја почитувавме тактиката и договорот, среќата ја заслуживме и ги освоивме бодовите. Секоја чест за Сегед, но денеска ние имавме свој ден. Не се предавме, кој и да паднеше доле, тука беа други две три раце, игравме како едно семејство и тоа ни донесе успех“, изјави Пешевски.

Веќе за осум дена Пелистер го очекува нов натпревар со истиот противник, но во Унгарија.