Хаос во Валенсија поради Димитриевски – ги боли што ја откри вистината зошто не брани!

Интервјуто што Столе Димитриевски го даде за еден од македонските подкасти за време на репрезентативната пауза предизвика вистинска бура во редовите на Валенсија, откако првпат јавно откри дека во клубот „нема вистинска конкуренција“ бидејќи неговиот колега Жулен Агирезабала „мора да брани по договор за клубот да не плаќа пенали“.

Оваа изјава, според шпанскиот портал „Супердепорте“, кој важи за екстремно близок до „лилјаците“, ги вознемири тренерот Карлос Корберан, управата и дел од соиграчите на нашиот репрезентативен голман.

„Сезонава пристигна втор голман со клаузула дека мора да брани најмалку на 30-отсто од натпреварите. Тоа значи дека нема реална конкуренција. Без разлика дали јас бранам добро или лошо – ќе бидам надвор од составот, бидејќи во спротивно клубот ќе мора да плати пенали“, изјави Димитриевски.

Оваа реченица – иако е само потврда на факти кои се јавна тајна во фудбалскиот свет – експлодираше во Валенсија. Според порталот, клубот смета дека Македонецот „преминал граница“ со тоа што индиректно го довел во прашање професионализмот на тренерот и на колегата Агирезабала.

Тренерот Корберан, наводно, бурно реагирал на изјавата на Димитриевски, а претходно има и дадено коментар на оваа тема.

„Во Валенсија никој не игра по договор. Позицијата на голман е специфична. Некои клубови ротираат, некои држат континуитет, но изборот секогаш е спортски, не административен“, изјави тој на прес-конференција пред неодамнешниот натпревар во Купот на Кралот.

Иако клубот не ја негира клаузулата во договорот за позајмица на Агирезабала – која предвидува финансиска казна доколку не брани најмалку 30-отсто од мечевите – од Валенсија инсистираат дека тоа не е гаранција за место во стартниот состав. Шпанскиот медиуми се жали дека интервјуто на Димитриевски доаѓа во чувствителен момент, кога Валенсија се наоѓа во сериозна резултатска криза и блиску до зоната на испаѓање. Наместо фокус на тимската сплотеност, во клубот владеела нервоза и раздор.

„Македонецот пука во сите нас токму во момент кога треба да сме обединети“, пишува истиот шпански медиум.

И покрај бурните реакции, суштината на Димитриевски е едноставна - посочување на системски проблем кој не е непознат во шпанскиот фудбал – обврзувачки клаузули за настап во договори за позајмица. Димитриевски само ја кажа вистината која многумина во Валенсија не сакаа да ја слушнат.

Искусниот голман во моментов е со националната селекција, со која утре го чека пријателски меч против Летонија, а за една недела и исклучително важното гостување кај Велс. По неговото враќање дефинитивно го очекува средба со тренерот и управата, кои ќе бараат објаснување, кое секако ќе го добијат од нашиот Столе, кому при доаѓањето му беше ветено дека ќе брани, а не дека ќе дреме на клупата.

На крајот дури и клупскиот портал на Валенсија поентира во корист на Македонецот - Димитриевски не кажа ништо што не е вистина. Но вистината, како и секогаш, најсилно боли кога ќе излезе од уста на човек што има интегритет и кредибилитет.