Почнува новата одисеја на Пелистер во ЛШ: Загреб прв доаѓа во битолскиот пекол

Трета сезона по ред, Пелистер ќе ја претставува Македонија во Лигата на шампионите и ќе се обиде конечно да ја помине групната фаза.

Пред две години неславно заврши на последното место без освоен бод, а лани забележа евидентен напредок со седмото место во групата и осум бода на контото, вклучувајќи три победи. И сега ќе биде исклучително тешко, но со задржан костур од минатата сезона и неколку важни победи во подготовките, меѓу кои и онаа во Суперкупот против Вардар, битолчани се надеваат дека ќе успеат да направват подобар резултат.

Успех ќе биде шестото место за кое ќе се бори со Висла Плоцк и Загреб бидејќи Барселона, ПСЖ, ГОГ, Магдебург и Пик Сегед во моментов се далеку подобри од Пелистер. Македонскиот првак мораше летово да го смени тренерот и во отсуство на екстра опција, на клупата да го постави шпанскиот стручњак со мало искуство Рубен Гарабаја што може да биде една од пречките за остварување на амбициите. Главен адут секако ќе биде шампионскиот менталитет на играчите кои и претходните две сезони беа тука и го стекнаа неопходното искуство.

Прв противник на Пелистер ќе биде „вечниот“ шампион на Хрватска, Загреб, предводен од поранешниот играч на Вардар, Игор Карачиќ, веќе во поодминати години и јасно на залезот на кариерата. Тука е уште еден екс-вардарец, Патрик Валчак, но впечаток е дека Пелистер може да се надева на бодови на денешниот натпревар што би бил одличен старт на сезоната.

Натпреварот во Битола се игра од 20:45 часот, а ќе го води германската двојка Шулце-Тенис.