
Ракометен спектакл во Кавадарци, вечните ривали ја отвораат новата сезона!
Како увертира за денешниот прв официјален натпревар, Вардар и Пелистер двапати се сретнаа во подготвителниот период, битолчани дватапати беа поуспешни, но ова е сосема поинаков меч.
За новите тренери Рубен Гарабаја и Иван Чупиќ ова ќе биде и првиот официјален натпревар како предводници на македонските клубови.
Црвено-црните ќе сакаат одмазда за финишот од минатата сезона кога среде Скопје беа поразени од битолчани и не успеаа да ја освојат титулата. Целта на Пелистер е да ја потврди доминацијата и да покаже дека со право е шампион.
Минатата сезона овој трофеј го крена Алкалоид, а тоа значи дека Македонија ќе добие нов освојувач на Суперкупот.
Зачин ќе дадат и навивачите, Чкембари и Комити ќе бидат присутни во салата „Јасмин“ во Кавадарци. Двете навивачки групи веќе со денови го најавуваат својот поход, па се очекува спектакуларна атмосфера.