Сити и официјално го потврди трансферот на еден од најдобрите голмани во светот!

Екипата на Манчестер Сити официјално потврди дека го ангажира италијанскиот голман Џанлуиџи Донарума од ПСЖ, кој потпиша петгодишен договор и ќе остане на „Етихад“ до летото 2030 година.

Искусниот 26-годишен чувар на мрежата, кој важи за еден од најдобрите голмани во европскиот фудбал, кариерата ја започна во Милан, каде што дебитираше со само 16 години и одигра повеќе од 250 натпревари, освојувајќи ја Суперкуп титулата во 2016 година. Во 2021 година се пресели во ПСЖ, со кој освои четири титули во Лига 1, две Куп трофеи и три Суперкупа на Франција. Круна на неговиот престој во Париз беше историската титула во Лигата на шампионите оваа година, кога тимот на Луис Енрике со убедливи 5-0 го совлада Интер.

Донарума се истакна и на репрезентативно ниво, освојувајќи го Европското првенство со Италија во 2020 година, кога во финалето на „Вембли“ беше херој во пенал серијата против Англија и беше прогласен за играч на турнирот.

„Потпишувањето за Манчестер Сити е посебен и горд момент за мене. Се приклучувам на тим полн со светска класа фудбалери и тренер кој е меѓу најдобрите во историјата – Пеп Гвардиола. Ова е клуб за кој секој играч би сакал да настапува“, изјави Донарума по потпишувањето.

Италијанецот додаде дека со нетрпение го очекува настапот пред навивачите на „Етихад“ и вети дека ќе даде сè од себе за да помогне клубот да стигне до нови успеси.