Крвава тепачка меѓу навивачи на Динамо и Ш. Бријег– среќа што нема мртви (ВИДЕО)

На социјалните мрежи синоќа се појави снимка од општа тепачка меѓу навивачки групи во Широки Бријег, во која учествувале „Бед Блу Бојс“, поддржувачи на загрепски Динамо и домашната навивачка група – „Шкрипари“.

На видеото, кое трае нешто помалку од три минути, се гледа како двете групи неколку пати се судираат, по што фрлаат факели едни кон други, за на крајот толпата да се разидува. Настанот не е поврзан со конкретен фудбалски натпревар, а точната причина за судирот засега не е позната.

Слични инциденти во Херцеговина не се реткост, со оглед на сложената навивачка структура во регионот. Тамошните фанови се поделени меѓу Динамо, Хајдук и локалните клубови како Широки, Зрински и Вележ. Ова не е прв поголем судир. Пред пет години полицијата спречи напад на навивачи на Динамо врз „Шкрипари“ во истиот град. Тогаш 50-тина членови на „Бед Блу Бојс“ најпрво нападнале случајни минувачи, а потоа се обиделе да испровоцираат директен судир со домашната група. Полицијата затекнала група млади лица вооружени со дрвени стапови и камења, дел од нив избегале во шума, каде специјалците изведоа акција и приведоа десетици.

Навивачката група „Шкрипари“ официјално е формирана во септември 1996 година, инспирирана од локалните навивачки иницијативи од почетокот на 90-тите. Името го добиле по „шкрипарите“, герилски групи кои по Втората светска војна продолжиле да дејствуваат во Хрватска. Најпознат водач бил Вјекослав Макс Лубуриќ, еден од најжестоките усташки команданти.