Се бара јунак што ќе даде гол за Работнички и - што ќе го совлада голманот на Силекс!

Третото коло од Првата македонска фудбалска лига уште не е комплетирано, но и во пресрет на последните три меча се издвојува еден куриозитет.

Работнички е единствен тим без постигнат, а Силекс без примен гол во досегашните три меча по кои може да се заклучи дека скопјани имаат проблеми со реализацијата, но кратовци направиле бедем пред својот гол.

Standings provided by Sofascore

Работнички е со само еден бод, освоен во првото коло на гости кај Тиквеш кога натпреварот заврши без голови. Минатата сабота на домашен терен загуби од новакот во елитата Башкими со 0-2, а со идентичен резултат беше поразен завчера во Струга. Својот прв гол во новата сезона ќе го бара идната недела против актуелниот шампион Шкендија на домашен терен, но ако не успее ни тогаш, ќе мора да чека уште 15-тина дена за да помине репрезентативната пауза, а евентуалниот неуспех би можел да донесе и промени во тимот.

За разлика од Работнички, Силекс игра фантастично на почетокот од новата сезона и речиси сигурно ќе биде лидер по третото коло. Поранешниот шампион на Македонија во моментов има гол-разлика од 11-0 со тоа што минатонеделниот натпревар против Шкупи го доби службено затоа што чаирчани не обезбедија терен на кој ќе го пречекаат овој ривал. Кратовци имаа релативно лесен распоред на стартот од првенството бидејќи се сретнаа со трите најслаби екипи во досегашниот дел, во првото коло ја совладаа Брера со 5-0, а вчера беа подобри од Македонија ЃП со 3-0. Во четвртото коло Силекс ќе се сретне со уште еден нов член на елитната конкуренција, Арсими на гостински терен.