Македонски второлигаш домашните средби ќе ги игра под - рефлектори!

Поранешниот вицешампион на Македонија, Беласица ќе биде еден од најатрактивните тимови во земјава оваа сезона, по најновата одлука што ја донесе раководството на клубот.

Почнувајќи од дуелот против Скопје идниот викенд, струмичани своите натпревари на домашен терен ќе ги играат во вечерни термини, односно под рефлектори. Сето тоа додека дозволуваат временските услови што веројатно значи дека во зимскиот период натпреварите ќе се одржуваат преку ден.

„Ги каниме сите љубители на фудбалот од Струмица и околината в недела да дојдат и да го поддржат нашиот тим и да уживаат во вечерната атмосфера која многу малку клубови од Македонија можат да си ја дозволат и е реткост во нашиот фудбал“, пишува, меѓу другото, во соопштението од Беласица.

Стадионот вво Струмица одамна има рефлектори и е по стандардите на УЕФА и ФИФА, па таму неколку пати како домаќин играше и македонската репрезентација. Беласица вчера ја почна новата сезона во Втората лига, со реми на гостувањето кај Охрид (1-1).