Јилдиз асистираше, Дејвид и Влаховиќ погодија - Јуве тргна со победа (ВИДЕО)

Најтрофејниот италијански тим Јувентус со победа ја почна новата сезона откако вечерва на домашен терен славеше против Парма со 2-0.

Двата гола беа постигнати во второто полувреме, а на двата им кумуваше турскиот интернационалец Кенан Јилдиз. Во 59. минута фантастично ја проби противничката одбрана и го проигра Дејвид, а на шест минути пред крајот, по контранападот со Влаховиќ, го послужи српскиот напаѓач кој непречен од никого го постави конечниот резултат.

За Влаховиќ цело лето се зборува дека е отпишан од Игор Тудор и дека најверојатно ќе биде продаден, но тоа очигледно не му пречи многу, па вечерва погоди само четири минути откако влезе во игра, колку да стави печат на победата на неговиот тим.

Во вториот меч од вечерашната програма во Серија А, Аталанта и Пиза одиграа нерешено (1-1).