Минатата сезона беше во Пелистер, од вчера е член на - Виртус

Италијанскиот шампион Виртус Болоња ги почна подготовките за новата сезона, а во неа, во стручниот штаб, покрај тренерот Душко Ивановиќ ќе биде уште едно добро познато тренерско име.

Станува збор за српскиот стручњак Ненад Трајковиќ кого малкумина го очекуваа во евролигашки тим ако се има предвид дека долго време не бил дел од европската кошаркарска елита. Последниот ангажман, Трајковиќ го имаше во Македонија каде без поголем успех го водеше Пелистер каде работеше нешто повеќе од три месеци.

Дојде пред стартот на вториот дел од сезоната, а доби отказ пред крајот на април откако Пелистер влезе во негатива од 0-2 во четвртфиналната плејоф серија против Работнички. Во меѓувреме доживеа убедлив пораз и елиминација од МЗТ Скопје во полуфиналето на Купот, а основниот дел од сезоната Пелистер го заврши на шестото место.

Трајковиќ има долгогодишно тренерско искуство, работеше во Реал Мадрид и во неколку НБА клубови, во повеќе наврати водеше младински селекции на Србија, а сега треба да му помогне на Ивановиќ да ја одбрани титулата во италијанското првенство и да оствари што подобар пласман во Евролигата.