Ѓорческа не успеа - вторпат за една недела загуби во финале

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа доживеа пораз во финалето од Челинџерот во Куршумлијска бања откако загуби од Србинката, Теодора Костовиќ со 0-2 (5-7, 3-6).

Детали го одлучуваа победникот на овој меч бидејќи двете тенисерки не беа сигурни на свој сервис и од 21 гем, имаше дури 10 брејка. Ѓорческа во двата сета имаше свои шанси кои, за жал, не ги искористи. Во првиот, во два наврата имаше брејк предност, при 4-3 и и 5-4, сервираше за 1-0 во сетови, но место тоа, Костовиќ освои три гема по ред од кои два на сервис на нашата тенисерка и таа поведе.

Клучен во вториот сет беше седмиот гем, Ѓорческа веќе врати еден брејк и израмни на 3-3, а потоа имаше три брејк-топки за да премине во водство. Не ги искористи, па Костовиќ повторно освои три гема и дојде до победата.

За Ѓорческа ова беше второ финале во период од една недела, но ги загуби и двете. И покрај тоа, поради одличните резултати си обезбеди напредок од околу 70 места на ВТА листата.