Втора шанса за прва победа на кошаркарската репрезентација во претквалификациите

Откако минатата недела на домашен терен загуби од Романија, сениорската кошаркарска репрезентација на Македонија вечерва го игра својот втор натпревар од претквалификациите за Светското првенство во 2027 година.

Националниот тим гостува во Солнок кај Унгарија, во надеж дека ќе дојде до првиот триумф во овој циклус. И покрај поразот од Романија, за македонската репрезентација ништо не е загубено бидејќи евентуален триумф вечерва ќе ја врати во игра за едно од првите две места на крајот од претквалификациите. Репрезентацијата замина за Унгарија уште во средата и имаше време да се аклиматизира и да се подготви за денешниот дуел. Синоќа го одржа главниот тренинг, а кошаркарите тренираа и претпладнево.

„Имаме доста млади играчи, недостасува искуство, но енергијата е добра. Имаме доста позитивни работи во соблекувалната, имааме одлична атмосфера. Имаме млад тим, има голем ентузијазам во овие млади играчи. Ги гледавме Романците, имавме видео-анализа на нивната игра против Романија, Имаа добар почеток, но како одминуваа минутите нивната игра бележеше пад. Романците ги победија, не гледам причина зошто не би го направиле тоа и ние овде во Солнок. За да биде такa, треба да ја задржиме онаа енергија која ја имавме и ја употребивме на дуелот со Романците. Ќе се обидеме да го намалиме бројот на грешки, оние од технички карактер, да имаме што помалку загубени топки. Добро да го градиме рекетот, бидејќи имаат предност во висина. Сето тоа се работи преку кои овој тим треба да “расте“, да се гради низ овие натпревари. На добар пат сме да го направиме тоа, ова е само една станица. Имаме свои шанси, сакаме да ги искристиме, и тоа ако може, веднаш, во овој меч со Унгарија, кој извесно, ќе сакаат да ги поправат грешките од гостувањето кај Романците, и да победи пред својата публика“, рече најдобриот играч во оваа македонска репрезентација Џејкоб Вајли.

Пораз од Романија, но на гостински терен, во меѓувреме доживеа и Унгарија која во средата загуби со 12 разлика што значи дека двете селекции денеска ќе се борат за својот прв триумф во претквалификациите. Натпреварот меѓу Унгарија и Македонија се игра вечерва од 18 часот. Победникот ќе биде чекор поблиску до пласман во квалификациите за Светското првенство. Судиската тројка ја сочинуваат Хулио Анаја од Панама, Александар Глишиќ од Србија и Мартин Вулиќ од Хрватска.