„Македонија е гладна за победа, се надеваме на успех против Романија“

Македонија утре ќе се соочи против Романија во претквалификациите за Светското првенство (СП), а Џејкоб Вајли и Адем Мекиќ најавија дека сите репрезентативци ќе го дадат својот максимум на теренот и се надеваат на успех.

Вајли кажа дека е среќен што е дел од репрезентацијата на Македонија, а се надева дека ќе одиграат максимално ангажирано против првиот ривал.

„Кога ме повикаа, бев возбуден да дојдам да играм. Имаме млад тим за разлика од претходно, дел од нас се само поискусни и треба да бидеме лидери на теренот. Нашите очекувања се да одиграме максимално ангажирано, со енергија и интензитет“, вели Вајли.

Мекиќ посочи дека Романија не е лесен противник, но оваа репрезентација е гладна за успех и ќе се обиде да триумфира.

„Романија не е лесен противник, но ова е млада репрезентација која сака да се докаже, има желба за победа и гладна за успех. За жал, имаме помалку искуство, но мислам дека тоа може да се надокнади со сите останати работи кои ги набројав. Би ја замолил публиката да ни даде поддршка и да има надеж во овие млади кошаркари. Верувам дека секој во тимот ќе даде максимум. Пресреќен сум што сум дел од оваа репрезентација и се надевам дека ќе оствариме позитивен успех. Најважно од нас во моментов е да дадеме 100 отсто на теренот“, кажа Мекиќ.

Натпреварот меѓу Македонија и Романија се игра в сабота од 20 часот.