Уапсен најголемиот критичар на Јокиќ – некогашна ѕвезда позната по играње со пиштол!

Поранешниот НБА кошаркар Гилберт Аринас е уапсен во средата заедно со уште пет лица под сомнение дека организирале нелегални покер-сесии со високи влогови во Лос Анџелес, соопшти американското правосудство.

Некогашната голема ѕвезда на Вашингтон визардс, според обвинението објавено од Федералниот суд во Лос Анџелес, ја изнајмувал својата луксузна вила за одржување на покер-турнири во периодот меѓу септември 2021 и јули 2022 година. За делото му се заканува казна до пет години затвор по секоја од трите точки на обвинението, меѓу кои и за организирање незаконски игри на среќа. Меѓу уапсените е и израелскиот државјанин Евгениј Гершман, за кого американските власти тврдат дека е поврзан со мафијата.

Аринас, кој трипати учествуваше на НБА Ол-стар натпревари, настапуваше во најсилната светска кошаркарска лига до 2012 година, а потоа кратко време играше во Кина за тимот Шангај Шаркс. На сослушувањето во федералниот суд во Лос Анџелес, Аринас се изјасни за невин и беше пуштен на слобода со кауција од 50.000 долари. Судскиот процес е закажан за 23 септември.

Покрај активностите надвор од спортот, Аринас е познат и по своите контроверзни изјави, особено критиките на сметка на српскиот кошаркар Никола Јокиќ. Во интервју во април минатата година, Аринас го нарече Јокиќ „најслаб МВП добитник во последните 40 години“, оспорувајќи ја вредноста на неговите достигнувања во споредба со поранешни добитници на престижната награда. Тој е познат и по скандалот со носење пиштоли во соблекувалната на „волшебниците“, како дел од заканите кон соиграч поради неплатен коцкарски долг.