
Синот на Богоевски главен на ЕМОФ, во одборот на Игрите и ќерката и зетот на Димевски!
Така, Александар Богоевски е извршен директор на Игрите, што и не би било чудно ако не се знае дека е син на спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски, кој ја извршува истата улога и на овој настан на кој се „вртат“ милиони евра. Свој удел во непотистичкиот дел има и првиот човек на македонскиот олимпизам, Даниел Димевски, кој како свои семејни претставници во организацискиот одбор ги има ќерката и зетот. Александра Димевска-Манасков е задолжена за делот од хотелите за семејството од Европскиот олимписки комитет (ЕОК), додека нејзиниот сопруг, Кристијан Манасков е шеф на „ај-ти“ секторот. Мора да се напомене дека никој не ја спори стручноста и капацитетот со кој располагаат Александар, Александра и Кристијан, но спорен е самиот факт што како најблиски на челниците на МОК се директно инволвиорани во организацијата – нешто што во културните држави во старт е забрането поради судир на интереси.
Деталната анализа на целиот организациски одбор покажува дека директно учество, кое сигурно не е бесплатна, имаат и повеќе предводници на т.н. помали федерации, кои му беа лојални на Димевски во неодамнешниот обид да биде сменет од претседателската функција. Меѓу членовите на овој сигурно доходовен одбор се и речиси сите вработени во МОК, но и на салата „Јане Сандански“, која е под капата на оваа организација.
Сето ова, заедно со сите досегашни поплаки, но и фактот што на Игрите се свртени многу милиони евра, кои дел се од државниот буџет, дефинитивно треба да биде прочешлано од надлежните институции по нивното завршување, пред сѐ од Министерството за спорт со цел да се стави крај на ваквите појави, кои дефинитивно го нарушија имиџот на натпреварувањето кое требаше да биде феноменална можност за промоција на Македонија.