МОК им наплаќа на учесниците на ЕМОФ по 110 евра од вечер за да спијат - едни врз други!

Вчерашниот прилог на телевизија Телма (види ТУКА) со сведоштва на дел од учесниците на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) во Скопје за мизерните услови во кои се сместени со лоша храна, топлите и неклиматизирани соби одекна негативно во јавноста, а ваквиот третман на спортистите станува уште поужасен ако се знае дека организаторот на кој од нив им наплаќа по 110 евра од – вечер.

Според официјалните документи, националните федерации за секој учесник на младинската Олимпијада плаќаат по 880 евра за престојот во Македонија за сместување и храна, но и депозит од дополнителни 60 евра по човек за евентуалните направени штети. Последната сума може максимално да достигне до 3.000 евра по национална федерација. Проблемот е што оваа сума ја плаќаат и тие што спијат во елитни хотели со четири или пет ѕвездички, но и тие сместени во студентските домови, каде што имаат супстандардни услови и каде што буквално преживуваат на скопскиот пекол.

Ако бројката на учесници која изнесува околу 4.000 се помножи со сумата која секој национален комитет му ја плаќа на организаторот на ЕМОФ се доаѓа до бројка од 3,5 милиони евра само од оваа ставка. Ако на ова се додаде е гаранцијата од 240.000 евра за „евентуални штети“, тогаш е јасно дека станува збор за огромна сума, која мораше да обезбеди далеку почовечки и похумани услови за младите (генерално малолетни) учесниците на младинската Олимпијада. Уште повеќе што МОК половина од овие пари на своите сметки ги имаше уште во април, а останатиот дел пред почетокот на ова натпреварување.