Македонскиот фудбалски шампион Шкендија славеше со минимални 1-0 против романски ФЦСБ во првиот меч од второто квалификациско коло во Лигата на шампиони (ЛШ).

Првото полувреме помина без премногу возбудувања, иако ФЦСБ изврши голем притисок на почетокот на натпреварот и се закани неколку пати кон голот на Гаје.

ФЦСБ беше уште посериозен во нападот во вториот дел, па еднаш ја погоди стативата на Гаје, а потоа голманот на Шкендија имаше фантастична интервенција во 60. минута од средбата.

Шкендија на спротивната страна набрзо имаше голема шанса, меѓутоа чуварот на мрежата на ФЦСБ беше на висина на задачата и ја зачува својата мрежа.

Единствениот гол за тетовската екипа го постигна Алхасан по одличниот центар-шут на Цаке, кога со глава го матира голманот на гостинскиот состав во 65. минута.

Само пет минути по голот на Алхасан следеше црвен картон за Камер Чака, но набрзо ФЦСБ се „реваншира“ и Танасе доби директно исклучување откако прекина контра-напад на Шкендија.

Шкендија го игра реваншот против ФЦСБ на Националната арена во Романија на 30 јули од 19.30 часот.

Победникот од средбата меѓу Шкендија и ФЦСБ ќе игра против подобриот од дуелот меѓу Шелбурн и Карабах.