Неверојатна одлука на Синер - го врати човекот поради кој падна на допинг тест

Првиот светски рекет Јаник Синер донесе одлука која го шокира цел свет. Италијанскиот ас одлучи во својот стручен штаб да го врати физиотерапевтот Умберто Ферара поради кој лани беше позитивен на допинг тест и мораше да паузира три месеци.

Минатата година Синер два пати падна на тестовите откако беше утврдено дека во неговото тело ја има недозволената супстанца Клостебол. Тој објасни дека таа се нашла таму по масажа која му ја направил Џакомо Налди, но по препорака токму на Ферара, имајќи предвид дека двајцата работеа како негови физиотерапевти.

По скандалот Синер ги отпушти двајцата, но една година подоцна одлучи да го врати Ферара.

„Јаник Синер повторно го ангажира Умберто Ферара за свој физиотерапевт и таа одлука стапува на сила веднаш. Истата беше донесена во консултација со своите најтесни соработници како дел од подготовките за претстојните турнири, почнувајќи од Синсинати и УС Опен“, стои во објавата на официјалната страница на Синер.

Италијанецот пред неколку дена објави дека ќе го пропушти Мастерсот во Торонто поради замор, но се очекува да ги брани титулите во Синсинати и Њујорк.