
Србија и по една деценија не стигна до финале: Унгарија и Шпанија ќе се борат за златото
Двата полуфинални меча донесоа огромна драматика и неизвесност, првиот беше решен на пенали, а вториот со само еден гол разлика. Шпанија на пенали ја совлада Грција откако по основниот дел мечот заврши 7-7. По изведувањето на пеналите, „фуријата“ беше подобра со 4-2 откако голманот Унаи Рубио им ги одбрани ударите на Скумпакис и Какарис.
Шпанија ќе има шанса да дојде до четвртата титула на планетарните шампионати, а покрај тоа си го обезбеди петтиот медал во низа на светските првенства, нешто што им успеало само на Хрватите кои се рекордери со седум медали по ред на овие манифестации.
Во вториот полуфинален дуел, Унгарија беше подобра од Србија со 19-18. Србите постојано беа во подредена улога, во втората четвртина губеа со три разлика, а во последната беа и на -5. Во двата случаја успеаја да се вратат, во вториот период да се изборат за израмнување, а во финишот од мечат да дојдат на само гол негатива. Сепак, Унгарците не дозволија пресврт и по 2023 година, повторно ќе се борат за титулата. Србија, пак, веќе една деценија чека пласман во финале откако во 2015 година во Казан го освои шампионскиот трофеј.
фото: EPA photo