Работнички не се откажува: Имаме голем мотив да ја анулираме негативата

Македонскиот прволигаш Работнички утре го игра реванш натпреварот од првото квалификациско коло против Торпедо Белаз од Белорусија.

На првиот меч кој се одигра минатата недела во Унгарија, нашиот тим доживеа убедлив пораз со 0-3, но никој не смета дека шансите се загубени. Тренерот Бојан Марковски е оптимист дека може да се направи пресврт и Работнички да излезе како победник од овој двомеч.

 „Нѐ очекува реванш против Торпедо-Белаз, сега имаме комплетна слика за ривалот, а се надеваме дека ние ќе одиграме многу подобро отколку на првиот меч. Нема да размислуваме за резултатот, не заслуживме таков пораз, ќе се фокусираме на играта и ќе се трудиме да бидеме многу поконкретни. Верувам дека тимот ќе биде на потребното ниво и апсолутно не се предаваме, има уште 90 минути во кои Работнички има што да покаже, со мотив да ја анулираме негативата“, вели Марковски.

Слично размислува и Бесир Демири кој очекува многу подобро издание на неговата екипа во Скопје.

 "Знаеме дека мораме подобро од првиот меч во Унгарија. Торпедо-Белаз е квалитетен тим, но мислам дека ние можеме да одиграме многу подобро отколку првиот меч. Ако ги сведеме нашите грешки на минимум, и ако ги исполниме во целост тактичките замисли на стручниот штаб, можеме да се надеваме на многу подобар резултат“, рече Демири.