
Шампиони со ѕвездичка: Вимблдон во сенка на допинг скандалите!
Шампионите во машка и женска конкуренција претходно беа суспендирани поради позитивни допинг-тестови, што предизвика жестоки реакции и сомнежи во интегритетот на турнирот. Британски „Телеграф“ објави критички осврт од спортскиот уредник Оливер Браун, кој не ги доведува во прашање тениските квалитети на Синер и Швјонтек, но нагласува дека нивната историја надвор од теренот фрла сенка врз нивните победи. Тој истакна дека Синер, иако покажал ментална цврстина и се опоравил од болниот пораз во финалето на Ролан Гарос, сепак дојде на Вимблдон по тримесечна суспензија поради два позитивни допинг теста.
„Постои слон во собата, а тоа е прашањето дали Синер воопшто требаше да има право да настапи“, пишува Браун.
Реакциите не застанаа тука – австралискиот тенисер Ник Кирјос објави симболична ѕвездичка на социјалните мрежи по финалето, алудирајќи на тоа дека титулата на Синер не е целосно чиста. Според Браун, оваа порака на Кирјос заслужува внимание, бидејќи двајцата шампиони паднале на допинг тест во последните 12 месеци. Потсетувајќи на минатите морални дилеми, Браун наведува дека на Вимблдон 2022 им беше забрането учество на руските и белоруските тенисери поради војната во Украина, но актуелните допинг случаи не предизвикаа слична реакција. Тој посочува дека Синер добил само три месеци суспензија, и тоа токму во периодот меѓу Австралија опен и Ролан Гарос, без да пропушти гренслем-турнир.
Швјонтек, од друга страна, исто така беше суспендирана – но само еден месец – поради користење на забранетиот суплемент триметазидин. Според написот, и во нејзиниот случај, санкциите беа минимални и дискретно решени. Браун дополнително ја критикува тениската заедница што го слави враќањето на Синер како победа на менталната сила, притоа игнорирајќи го допинг скандалот. Тој го цитира коментаторот Џон Мекинро, кој по мечот го пофалил Синер за начинот на кој се справил со „стресот по суспензијата“, како и Тод Вудбриџ кој го нарекол „симбол на отпорност“. Но, како што вели Браун, сите овие изјави ја избегнуваат суштината - дали овој спорт сè уште може да се смета за фер?
Во завршниот дел од анализата, се потсетува дека според антидопинг правилата, спортистите се одговорни за сè што внесуваат во своето тело – без разлика дали тоа е по нивна вина или вина на тимот. Случајот на Синер се сведува на употреба на крема од неговиот тим која содржела клостебол – забранета супстанца.
„Тримесечната суспензија делуваше удобно – точно сместена меѓу два гренслема. Во меѓувреме, британската тенисерка Тара Мур чекаше 19 месеци на одлука, иако причината за нејзиниот позитивен тест била јадење јогурт со забранета супстанца“, заклучува Браун.
ФОТО: EPA PHOTO