Млади сили на почетокот на подготовките на репрезентацијата (ГАЛЕРИЈА)

Со денешната прозивка, официјално стартуваа подготовките на сениорската репрезентација за претквалификациите за Светското првенство во 2027 година, а со тоа и новата ера на националниот тим.

Новиот селектор Марјан Илиевски од почетокот на располагање има десетмина кошаркари, претежно од младиот бран, а со текот на времето бројката ќе се зголемува. Од десетте кошаркари кои се појавија на првиот тренинг, највозрасен е Андреј Магдевски со 29 години, а останатите се поранешни младински репрезентативци на Македонија, претежно на возраст меѓу 20 и 23 години. Поискусните ќе се појават нешто подоцна, кога екипата ќе се пресели во Гевгелија.

Почетокот на подготовките е означен во Кале, првите три дена ќе се тренира во овој објект по што репрезентацијата се сели во Гевгелија, а планирани се и неколку подготвителни натпревари. Натпреварите од претквалификациите се играат од 2 до 20 август, а ривали во групата ни се Романија и Унгарија.

На прозивката беше присутно и најтесното раководство на Кошаркарската федерација кое му посака среќа на националниот тим.