Миленкоски ги одбра одбојкарите за евро-квалификациите – се враќа Маџунков!

Македонската одбојкарска репрезентација ќе биде засилена со повратникот Филип Маџунков за претстојните квалификациски натпревари против Грција и Грузија во борбата за пласман на ЕП 2026.

Средниот блокер се најде на списокот од 16 одбојкари кои ќе започнат подготовки на 17 јули во Маврово. По медицинската интервенција на коленото и успешниот процес на рехабилитација, Маџунков е подготвен за настап, откако поради повредата го пропушти првиот летен собир на репрезентацијата. Селекторот Јошко Миленкоски не изврши измени во тимот – ги задржа истите одбојкари кои настапија во Златната лига 2025. На списокот повторно се наоѓаат интернационалците – браќата Ѓоргиеви, Љафтов, Савовски, Костиќ, Илиев и Ефремов.

Македонија ќе се потпре и на домашните играчи од двата најуспешни клубови – актуелниот шампион Струмица 47&72 и победникот на Купот, Штип УГД. Целта е пласман на четвртото ЕП по ред, што би било историски континуитет за националниот тим.

ФОТО: vfmkd.org.mk