
Трета-среќа: Младинците победија првпат и останаа во игра и за четврт-финале на ЕП!
Избраниците на селекторот Горан Самарџиев, конечно, одиграа како по ноти, немаа осцилации во играта и заслужено дојдоа до воведниот триумф, по поразите од Холандија и Австрија во претходните два дена. Успехот беше осигуран уште во првото полувреме, во кое нашите момци прво со осум поени во низа дојдоа до првото двоцифрено водство (31-20), за на крајот од вториот и почетокот на третиот период со серија 12-0 да обезбедат и огромни плус 23 (58-35). Противникот потоа успеа да ја намали негативата, но не и да ја загрози првата победа на жолто-црвените таленти.
Коста Ќириловски со 18 и Марко Луканоски со 17 поени и 11 скока повторно беа лидери во составот на Македонија, каде што блескаа уште и Павел Иванов со 14 и Стефан Стојковиќ со 13 поени и 12 скока.
Со овој триумф нашите кошаркари останаа во игра за што повисок пласман, па дури и за едно од првите две места кои водат во четврт-финалето. Утре е ден одмор на второлигашкото ЕП, а наш следен противник е Швајцарија, со која играме во вторник.