Тенисери плаќале до 5.000 долари за да избегаат од Дубаи и тоа на – организаторот!

Рускиот тенисери Данил Медведев, Андреј Рубљов и Карен Хачанов извесно време беа „заглавени“ во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, но на крајот успеале да ја напуштат земјата и да го продолжат патувањето кон следниот турнир.

Како што за руската агенција РИА Новости изјавила мајката на Рубљов, тројцата тенисери веќе пристигнале во Истанбул, од каде што треба да летаат кон Лос Анџелес, а потоа да продолжат кон Палм Спрингс, во чија близина се одржува турнирот во Индијан Велс од Мастерс серијата. Шампионот од Дубаи, Медведев, и неговите сонародници не отпатувале директно кон Истанбул, туку патувале преку Оман. Каде што стигнале со автомобил. Наводно, ваквите превози чинат околу 2.000 долари и станале профитабилен бизнис за дел од жителите на Дубаи, кои превезуваат луѓе до границата со соседната држава, налик на мигрантите кои транзитираа низ Македонија.

Во меѓувреме, тенисери кои учествувале на Челинџер турнирот во Фуџаира добиле официјален мејл од организаторите со можност за организиран повраток во Европа. Во пораката се наведува дека АТП разгледува организација на чартер лет на 5 март од Мускат, со планирано полетување во 15 часот. Предвидената рута е до Милано, со техничко слетување во Египет, а цената на едно место во авионот изнесува 5.000 евра по лице.

Организаторите во пораката им се заблагодариле на учесниците за трпението и разбирањето во вонредните околности и им посакале безбедно патување. Дел од тенисерите веќе неколку дена се обидуваат да најдат алтернативни летови, па оваа опција може да биде најбрзото решение за враќање во Европа и продолжување на натпреварувачките обврски.

ФОТО: EPA PHOTO