
Слот првпат проговори за смртта на Жота: Во моментов ништо не изгледа важно!
Фудбалерите на Ливерпул доживеаа огромна загуба со смртта на Жота, но обврските мора да продолжат, денеска имаат пријателски меч со Престон.
Арне Слот прват по смртта на Диого Жота говореше пред новинарите, па мораше да зборува и за ситуацијата во тимот која нималку не е лесна.
„Во моментов ништо не изгледа важно кога ќе помислиме на тоа што се случи. Нo ние сме фудбалски клуб и мораме повторно да тренираме и да играме – сакаме или не“, вели тренерот на Ливерпул.
„Многу е тешко да се најдат вистински зборови, постојано се прашуваме што е соодветно. Дали нашите постапки се соодветни? Дали тоа што го кажуваме е соодветно? Дали може повторно да тренираме? Дали може повторно да се смееме? Дали може да се налутиме на погрешна судиска одлука?“
„Им реков, „Можеби е најдобро да се однесуваме како што би се однесувал Жота“. А под тоа мислам дека Жота секогаш беше свој. Без разлика дали зборуваше со мене, со соиграчите или со персоналот, тој секогаш беше свој“.
„Па ајде и ние да бидеме такви. Ако сакаме да се смееме, ќе се смееме. Ако сакаме да плачеме, ќе плачеме. Ако сакаат да тренираат, нека тренираат. Ако не сакаат, не мораат да тренираат“.
„Сите нека бидат свои, не мора да бидат поинакви од тоа што им го кажуваат емоциите“.
„Мислам дека утеха ми дава тоа што во последниот месец од неговиот живот, Жота беше шампион во се. Шампион за своето семејство. Шампион за својата земја, бидејќи ја освои Лигата на нации. И секако, шампион за Ливерпул – ја освои Премиерлигата“.