Во Минхен се молат дуелот со Аталанта да заврши до 23 часот – за да не останат без голман!
Баварците се во ретко видена ситуација, бидејќи сите голмани се повредени – Мануел Ноер, Свен Улрих и Јонас Урбиг се надвор од тимот. Поради тоа, како решение се наметнува тинејџерот Леонард Прескот, кој би можел да испише историја. Доколку настапи, Прескот со 16 години и 176 дена ќе стане најмладиот голман во историјата на Лигата на шампионите. Главната пречка, сепак, не е спортска, туку правна. Според германските закони за заштита на малолетници, лица под 18 години не смеат да работат по 20 часот, а натпреварот започнува во 21. Поради тоа, клубот мора да добие специјална дозвола од институциите.
Постапката е сложена – бара потпис од клубот, играчот, неговите родители, лекар, па дури и од училиштето. Дополнително, дури и ако добие дозвола, Прескот не би смеел да игра во евентуални продолженија, бидејќи законот не дозволува ангажман по 23 часот. Проблемите не завршуваат тука. Доколку настапи, законот му гарантира најмалку 12 часа одмор, што значи дека следниот ден нема да смее да оди на училиште, па клубот ќе мора да го оправда неговото отсуство.
Иако Баерн е практично веќе во четвртфиналето, овој натпревар може да остане запаметен по нешто сосема друго – како вечер кога тинејџер би застанал на голот на еден од најголемите клубови во светот. Сепак, конечната одлука е во рацете на институциите.