Легендарниот Ибрахимовиќ си најде нова работа – ќе дебитира на СП 2026!

Легендарниот напаѓач, Златан Ибрахимовиќ, ќе започне ново поглавје во кариерата, откако американската телевизија „Фокс Спорт“ објави дека Швеѓанецот се приклучува на нивниот тим како студиски аналитичар за Светското првенство 2026.

Веста беше соопштена синоќа, а популарниот Ибракадабра ќе дебитира во новата улога на 11 јуни 2026 година, кога започнува Мундијалот кој ќе се одржи во САД, Мексико и Канада.

„Златан ја носи својата препознатлива самодоверба, перспектива и уникатна личност во нашата програма. Тоа е големо засилување за гледачите“, изјавија од „Фокс спорт“, додавајќи дека очекува Швеѓанецот да понуди анализи какви што може само тој.

Ибрахимовиќ зад себе има блескава кариера (1999–2023), во која настапуваше за европски гиганти како Милан, Барселона, Интер, Јувентус, Манчестер Јунајтед и ПСЖ. Во 2018 година се пресели во САД, каде што за ЛА Галакси постигна 52 гола на 56 натпревари, а кариерата ја заврши во 2023 година. За репрезентацијата на Шведска одигра повеќе од 100 натпревари и со 62 голови е нејзин најдобар стрелец во историјата. Настапи на две Светски првенства и четири Европски шампионати, а дури 12 пати беше прогласен за најдобар фудбалер на Шведска.

„Фокс спорт“ ќе биде носител на ТВ правата во САД за сите 104 натпревари од турнирот, кои ќе се играат од 11 јуни до 19 јули 2026 година. Ова ќе биде најголемото Светско првенство досега, со учество на 48 репрезентации и натпревари во 16 градови во три земји домаќини.

ФОТО: EPA PHOTO