Вардар директно во групна фаза, Алкалоид во квалификации за Европска лига!

Македонските ракометни екипи Вардар и Алкалоид и официјално добија потврда дека ќе бидат дел од новата сезона во Европската лига на ЕХФ.

Црвено-црните добија директен пласман во групната фаза, додека „фармацевтите“ од Автокоманда ќе мора да минат една квалификациска рунда. Актуелниот победник во Еврокупот својот пат ќе го почне со двомеч кој ќе се игра помеѓу 30 август и 7 септември, а противникот ќе го дознае на ждрепката закажана за 15 јули.

Победниците од квалификациите – вкупно 12 екипи – ќе се приклучат на останатите клубови во групната фаза. Ждрепката за групите ќе се одржи на 18 јули, додека натпреварите од групната фаза ќе започнат на 14 октомври и ќе траат до 2 декември. Првите две екипи од секоја група ќе обезбедат место во главната рунда. Натпреварувањето ќе продолжи со плеј-оф фазата на 31 март 2026 година, а новиот освојувач на Европската лига ќе биде крунисан на завршниот турнир што ќе се игра на 30 и 31 мај следната година.