Работнички сезонава нема да игра во АБА2 - напорeн бил ритамот среда-сабота!

Македонскиот кошаркарски клуб Работнички следната сезона ќе се фокусира исклучиво на настапите во домашниот шампионат и нема да побара „вајлд-карта“ за настап во АБА2 лигата, првенствено поради желбата за стабилизација.

Ваквата одлука е дел од долгорочниот план за стабилизација и развој на тимот на новиот тренер Владимир Мирковски, кој се уште официјално не е промовиран, но работи и дава интервјуа како веќе да е назначен на новата функција.

„Решивме да не играме во АБА 2. Во ритам сабота-сабота можеме да постигнеме повеќе, отколку да влегуваме во напорен распоред со натпревари среда и сабота. Тоа би барало поголем ростер, повеќе странци… За нас тоа сега не е изводливо“, изјави Мирковски за српски кошаркарски портал (види ТУКА).

Дополнителен фактор се и претстојните локални избори, со оглед дека клубот е целосно во сопственост на општина Центар.

„Зависиме од државата односно од општината. Ќе видиме какви ќе бидат условите понатаму. Зависиме од државата. Го оставивме костурот на екипата, четири-пет домашни играчи, ќе имаме четири странци и четири млади играчи. Ќе му дадеме шанса и на едно супер-талентирано момче од 15 години. Сакаме да го фрлиме во оган, има потенцијал и многу понуди од странство“, додаде македонскиот стратег.

Мирковски, кој пред почетокот на оваа сезона се врати во Македонија по ангажманот во српската Вoјводина, вели дека со Работнички постоеле контакти и претходно, но сега се работи за двегодишен проект што вклучува и преселба во нова сала.

„Работнички е клуб од мојот крај, а со МЗТ се најголемите во државата. Чест е да се работи тука“, подвлече Мирковски.

Тој истовремено додава дека во сезоната 2025/26, доколку условите дозволат, клубот би можел да се врати на меѓународна сцена – преку АБА 2 или ФИБА Лигата на шампионите.