Пак скандал пред СП 2026: Нов грабеж на навивачите – со превозот со воз до стадионите!

Навивачите кои планираат да ги следат мечевите на СП 2026 се соочуваат со шокантни трошоци – и тоа не само за билетите, туку и за превозот до стадионите.

Повратна карта со воз од Менхетен до „Метлајф арената“ ќе чини неверојатни 150 долари, што е речиси 12 пати повеќе од стандардната цена. Официјалните лица велат дека станува збор за покривање трошоци, но за навивачите ова е – чист грабеж. Стадионот, дом на Њујорк Џаентс и Њујорк Џетс, ќе биде домаќин на осум натпревари, вклучувајќи го и финалето на 19 јули. Наместо фудбал, сепак, во фокусот се астрономските цени за пристап до арената.

Ценовниот шок предизвика и политичка бура. Гувернерката на Њу Џерси, Мики Шерил и сенаторот Чак Шумер јавно порачаа дека ФИФА мора да преземе дел од товарот.

„ФИФА не плаќа ни цент за превоз. Нема да ги субвенционираме навивачите на грбот на граѓаните“, изјави Шерил.

Од ФИФА возвратија дека ваквото зголемување на цените е „без преседан“ и посочија дека други градови-домаќини како Далас, Хјустон и Лос Анџелес не ги менувале тарифите. Ниту алтернативите не се поевтини. Паркингот кај стадионот ќе биде резервиран само за лица со попреченост, додека останатите ќе мора да користат гаражи во блиски трговски центри. Слична приказна и во Бостон – автобус до „Жилет стадионот“ ќе чини 95 долари.

Револтот расте и во Европа каде што навивачки груп и од Франција и Англија ги нарекоа цените „лудило“.

„Ова е чисто дерење на кожата на навивачите. Не очекувавме вакво разочарување“, порачаа англиските навивачи.

По скапите билети, сега и превозот станува луксуз – сè повеќе се наметнува прашањето: дали СП 2026 ќе биде најскапиот турнир во историјата, резервиран само за оние со најдлабок џеб?