Несреќата не оди сама: ПСЖ остана без еден од главните играчи
Во синоќешниот пораз од Лион (1-2), се повреди португалскиот репрезентативец Витиња поради што неговиот настап во претстојните европски натпревари сега е сериозно доведен во прашање. Плејмејкерот мораше да го напушти натпреварот во 39. минута кога гостите водеа со 2-0 и беше заменет од Ворен Заир-Емери. Витиња несмасно атерира на десната нога по воздушниот дуел и веднаш сигнализираше на клупата дека не може да продолжи. Витиња прво отиде во соблекувалната, а потоа се врати на клупата, очигледно не можејќи да се потпре на повредената нога. Тежината на повредата сè уште не е позната.
Поради повредата, неизвесно е дали Витиња ќе биде подготвен за полуфиналето на Лигата на шампионите против Баерн. Првиот натпревар ќе се игра на 28 април во Париз, додека реваншот е закажан за една недела подоцна на „Алијанц Арена“ во Минхен.
Поразот од Лион дополнително ја искомплицира ситуацијата за парискиот клуб во домашното првенство. Иако сè уште се на чело на табелата, предноста на ПСЖ во однос на второпласираниот Ленс сега е само еден бод.