Игор Стефановски Иџе ја стартува новата европска сезона и одбележува јубилеј – 25 години на тркачките патеки

Игор Стефановски Иџе викендов од Австрија ја стартува новата сезона во ФИА Европскиот шампионат на ридски патеки (EHC), најпрестижното натпреварување во оваа дисциплина. Стартот е на легендарната патека Рекберг, каде македонскиот ас влегува со дополнителен мотив, одбележува 25 години тркачка кариера.

Трикратниот европски шампион продолжува да испишува историја, овојпат поради јубилејот, со нова енергија, брзина и амбиција. „Летечкиот Македонец“ ќе се соочи со силна конкуренција – повеќе од 250 возачи во шампионат кој годинава брои 10 трки низ Европа.

Сезоната стартува со тренинзи во сабота, а кулминира со трките во недела (26 април), додека завршницата на шампионатот и годинава е планирана во Хрватска, во септември.

По двете успешни сезони, Иџе соработката со Ферари ја продолжува и оваа година. Ќе настапува со моделот Ferrari 488 Челинџ специјално подготвен „ѕвер“ за ридски патеки.

„Со силна возбуда ја очекувам првата трка. Оваа сезона е посебна, 25 години на патеката се голем мотив да дадеме максимум. Очекувам одлични резултати и силен шампионат. Благодарност до мојот тим, до Ферари, до спонзорите-постоечките и новите, како и до сите што ни даваат поддршка“, изјави Стефановски.

Тимот на Видеолотарија Касинос Австрија и овојпат силно верува во него. Ние сме горди што повеќе од една деценија заедно навиваме за Иџе и Македонија.